секојдневие

Undefined

Илузијата на локалното владеење

Tags: 

Скопје и Битола, градови кои се помеѓу 10-те најзагадени градови во Европа, добија нови градоначалници, а Тетово којшто е во истата група ќе почека уште една седмица за конечниот исход од локалните избори. Сеедно на резултатите, градоначалниците ќе се соочат со прашањето за загадувањето.

Според податоците на Државниот завод за стататистика од Статистичкиот годишник за 2017 година во Скопје, Битола и Тетово живеат околу 688.000 жители. Ова не ги вклучува блиските селски општини како на пример Арачиново, Илинден за Скопје, или Јегуновце за Тетово. Овие три додаваат уште 36.000 жители на горната бројка. Колку точно е вкупната бројка на жители погодени од загадувањето на овие градови тешко е да се пресмета. Но, дури и со конзервативна пресметка дека во областите што ги зафаќа загадувањето на Скопје, Битола и Тетово живеат 700.000 жители, дали може да се каже дека тоа што ⅓ од населението на Македонија живее во екстремно загадени услови е само проблем на тамошните локални власти?

Друг начин да се гледа проблемот секако е низ економска перспектива. Скопскиот регион учествува со 43% во бруто домашниот производ на Македонија според податоците на ДЗС за БДП по региони за 2014 година. Може ли да се сметаат за локален проблем здравствените проблеми на работниците и работодавачите што создаваат речиси пола од производот на државата? Или, од друга страна, кои се економските трошоци од загадувањето во економски најсилниот регион во државата? Дали пад во домашен производ поради овие проблеми ќе оди на грб на локалната или централната власт?

Ми се чини дека овие работи ја илустрираат илузијата на локалното владеење во Македонија. Скопје е поделено на три партии по општини плус еден градски градоначалник. Досегашното искуство кажува дека сите овие супер си тераат локални тедери за огради и тротоари додека општите остануават нечепнати. А општите во нашиот случај се и државни. Без вклучување на централна власт со многу, многу непопуларни мерки нема да се решат вакви проблеми кои само се маскирани како локални бидејќи никој и не зборува за податоците што се скриени во фасадите на градовите.

Ќе има ли погласно соочување: Трибината на Студентски пленум и отсуството на моќните

Tags: 

Кога на google.com ќе пребарате „економски факултет екстерно“ резултатот е нула пронајдени страници

Додека влегувате во амфитеатарот на Филозофски / Филолошки факултет ја забележувате неговата / нивната финансиска моќ. Просторијата не е во добра состојба. Изгледа како да не е кречена одамна, или барем, како прозорците на кровот што треба да даваат дневна светлина да не се во добра состојба, па низ нив капело од обилните врнежи кои што стануваат вообичаени за Скопје. Сите редови освен првите 2 се со дрвени столчиња.

На катедрата како говорници, покрај професорите од Филозофски и Филолошки факултет, седат преставници од ФДУ и ПМФ. Сите професори се од факултети кои не припаѓаат на големиот бизнис со / во образование(то). Филозофски и Филолшки делат зграда и дури ни заедно не можат да имаат реновиран амфитеатар, како на пример што Економски факултет имаше уште во 1999 год. ФДУ е сместен во бараки, кои колку и да се топли и полни со дух од уметничкиот живот, се крш. ПМФ е факултет кој по сплетките со Институтот за информатика и неговото реформирање во ФИНКИ го изгуби главниот извор на приходи, па професорката Прелиќ нѐ потсетува дека сега немаат пари ни за хемиски реагенси.

Сето ова е слика на средбата на помалку привилегираните факултети и на оние кои, барем во академскиот ред, немаат речиси никакви привилегии — студентите. Дури и претставниците од професорскиот ред на некој начин беа „the usual suspects“ — Вилиќ, Ванковска и Бојаџиевска, па дури и Цуцуловски пред да се пензионира, се чести лица во јавното зборување за разни проблеми, па и универзитетските.

Ова не го пишувам за да ги критикувам овие факултети или присутните професори, туку за да додадам контекст во трибината што ја организираше Студентски пленум:

Колку и да беше прецизно и јасно правното излагање на Костантин Битраков, тоа ќе беше помоќно ако покрај него зборуваше и професор од Правниот факултет. Вилиќ убаво напомена дека веројатно во министерството немаат правник како Костантин, но имаат ли на Правен?

Понатаму, кога на google.com ќе пребарате „економски факултет екстерно“ резултатот е нула пронајдени страници. Веројатно најбогатиот и најмоќниот (и најбројниот по студенти?) факултет молчи. Исти се резултатите и за Архитектонски и Медицинси факултет…

Колку што знам (немам facebook, тешко ми е да проверам) Филозофски/Филолошки се единствените два факултети на УКИМ што дозволиле употреба на просторија (а тоа да не е холот/аулата) за одржување на активности на Студентски пленум, иако студентите знаат дека никаква посебна дозвола за тоа не е потребна (ако добро запаметив од трибината: член 157 од Законот за високото образование).

Прашањето оттука е — кога ќе се соочиме со помоќните факултети и нивните помоќни професори?

Окупирајте ги кампусите. Сите.

На Окно: http://okno.mk/node/43142

На НоваТВ: http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=18950

Идеи за Студентски пленум

Tags: 

Да не зборуваме однапред за тоа дали е кисел плодот на дрвцето што го пуштило првиот лист.

Обичај е по секое поголемо случување сите да напишеме по нешто за тоа, па така и овој пат за студентските протести против екстерното тестирање.

Сакам да ги ставам во втор план дебатите за тоа дали протестот е политички и дали студентите си го следат својот краткорочен интерес. Одговорот на двете е — да, но овие дебати се парализирачки. Студентите, како и сите млади луѓе, ќе научат.

Наместо тоа сакам да предложам неколку практични идеи што би можело да се спроведат во деновите што следат.

Прво, најочигледното, студентите може да го заземаат „јавниот простор“ на интернет. На твитер тоа се хаштаговите. Имате дебата на пример за #твитернагради и во неа (т.е. со тој хаштаг) вие твитате за студентскиот протест. Лесно е и безбедно. Додава видливост. Може да добиете само малку хејт од интернет.

Второ, студентите може да постават штандови на влезот на УКИМ и да делат на другите студенти флаери со содржина „Добредојдовте во автономната зона, вашите дипломи вредат исто толку колку и на професорите/пратениците/министрите.“

Трето, студентите може да се обратат до своите професори и управата на факултетите: формално преку архивата да побараат информации во врска со екстерното тестирање. Се разбира целта не е да се добијат информации, туку да се затрупа службата со барања; понатаму, студентите можат тивко да го бојкотираат наставниот кадар со „што ќе ве слушаме, и така ќе имаме екстерно“.

Четврто, студентите може да го окупираат јавниот превоз. Автобусите на ЈСП се како подвижни огласни табли. Може да се качите во 5-ка и да се возите од едниот до другиот крај на градот, а на прозорците да поставите хамери „Слободен превоз“, „Превоз на студенти на екстерно“, „Проект на Владата на РМ“ итн. Направете го во вторник и петок и како бонус оставете ги пензионерите на улица.

Петто, студентите може да шетаат низ град како човечки реклами. „Имам екстерно - барам работа“ или слично.

Шесто, и за ова не знам дали е возможно, т.е. дали системот е ист како порано, но студентите може да освојат место во некој студентски парламент од помалите факултети, како на пример ФДУ.

Седмо, студентите може да ги најдат професорите во пензија и од нив исто така да ја побараат поддршката.

На крај, разни настани, приредби, музика, театар, ад-хок активности низ градот. Мислам дека не мора да се објаснува.

Целта на сите овие е да се освои медиумскиот простор кој што е строго контролиран и да се добие нужната поддршка од академската фела.

Останатите, ние што не сме студенти, можеме да помогнеме со:

1. присуство на протестите;
2. пишување до нашите факултети (јас планирам да му пишам на факултетот и да го прашам дали треба да полагам екстерно, што се случува со мојата диплома, итн.);
3. помош за пристап до медиуми или други ресурси.

Протестите може да не успеат, но да не зборуваме однапред за тоа дали е кисел плодот на дрвцето што го пуштило првиот лист. Прво да му помогнеме да порасне.

Неколку поенти за настаните во Ѓорче Петров: Мај 2014. Со надеж дека нема да се повтори.

Tags: 

Текстот подолу е одговор на твитот на azazelo:

па уште во СФРЈ важеше„не си АЛБ ако не носиш оруж.“,наместо АЛБ да работаат на менување на оваа лоша традиција

https://twitter.com/azazelo_s/statuses/469127107197796353

и оригинално е објавен на twitlonger. Го додавам и овде заради подобро памтење.

Мислам дека е страшно тоа што го пишуваш „важеше „не си АЛБ ако не носиш оруж.“…“ не само затоа што мислиш така, туку затоа што (ми се чини) сакаш да оставиш впечаток дека многумина мислат така. (ОК, моето искуство со bullies и ножеви секогаш било со Македонци — па можеби затоа сум толку зачуден). Но, да одиме со ред.

Прво, мислам дека одлика на разумни луѓе е да го менуваат своето мислење како што нови информации стануваат достапни. На почеток имавме една приказна во медиумите (тој бил сам, се шетал, го видел точакот, тие биле 3-4, го збуфтале…). Потоа дојде другата приказна, која е и далеку поверодостојна, т.е. дури и таткото признава дека го бркале момчето (а не го вели тоа само МВР, Курир, Фокус или кој и да е спинер). Зарем вакво сознание не треба да го смени нашето мислење за настанот? Зошто е толку тешко да се помисли на самоодбрана? Дали ти мислиш дека ако некој да те брка со возило 20 минути, ќе се чувствуваш како да *не* ти е загрозен животот? Веројатно уште детали ќе излезат во јавност и ако тие се нови и различни ние би требало повторно да ги анализираме и да донесеме поинаков заклучок ако дедукцијата не доведе до таму. На пример, ако на оружјето полицијата најде само едни отпечатоци, тогаш тоа е една приказна, ако најде два пара друга, а и уште 2-3 приказни во зависност од тоа каков е ножот (што ако е кујнски и таму има отпечатоци на мајката што останале од порано?) Дали тоа ќе значи дека таткото и синот тргнале со намера за фатална пресметка со крадецот? Ова се сериозни прашања и јавноста (ние) и секако одбраната имаат право да ги поставуваат. Секако, ако камерите од болницата покажат повеќе од 2-3 лица како се борат, тоа уште повеќе ќе ги смени заклучоците што ги носиме. Можеме да се надеваме дека за сите овие работи ќе има due process и можеме да ликуваме дека никогаш нема да се дознае што се случило (пошто МВР ќе заташка, Грујо и Али ќе се договорат итн.) Но, дури и да се случи тоа, полицајците претходно сигурно ќе ја утврдат вистината. Затоа што единствен начин вистината да се скрие е таа да се знае целосно.

Второ, тоа што родителите молчат за овие факти што до сега се знаат се движи од загрижувачки до одвратно. Веројатно и таткото на Ангел ќе дојде до сличен заклучок штом му помине шокот: Секој родител што не го осудува тоа што татко му дозволил на син да тргне во некаква си потера (имал или немал стереотипи за способноста и наоружаноста на тој по кој што тргнал) треба да си ја чукне главата. За ова нема дебата. Не сум родител и не знам — но ми се чини дека јас да сум во ситуација кога синот ќе беснее да трча по некој што сакал да му украде точак ќе му влепам шамар и добриот ќотек (што ти го спомнуваш) ќе дојде од моја страна кон моето дете затоа што се занесувало да стане некаков си филмски осветник.

Трето, молкот на јавноста кон последователното сценарио кое што очигледно е организирано од партиски центар во соработка со полициски структури е уште повеќе загрижувачки, како што е и самиот чин што тие одлучиле да го прават. Не, немаат право граѓаните на Скопје да дивеат на ваков начин и полицијата не смее да го дозволи тоа. Ако имало кражби и порано не треба да ја запалат населбата. Впрочем, знаеш, кога се искрени протестите и се затоа што јавноста е загрижена — тие се мирни и се како молба, а не се насилни и како закана. Овој молк можеби ќе не` замолчи за долго време. Нема друго што да се рече освен дека стравот сега е многу, многу поголем затоа што теоретското нема кој да те брани од насилници, сега се претвори во практично. Сети се само на легендарната „Ти нема да ми го кршиш Белград“ кога некои навивачи правеа лом кај Мекдоналдс. Деновиве властите рекоа кршете. И веројатно си направија вежба во ЃП место на Криволак. (Ми се чини дека ти не твиташе ништо на оваа тема, и извини што оди ова во одговор кон тебе, но ете имаше и такви твитови, па да го додадам ова пред да стигнам до крајната поента.)

Четврто, и последно, жалам што мислиш дека Албанците се тие што треба да се борат против стереотипите. Ако си го гледала http://www.imdb.com/title/tt0106266/ можеби се сеќаваш на „ако видиш црнец со стерео, тогаш знаеш што прави — краде“. Твоето е буквално така — „ако видиш Албанец тогаш знаеш дека има скриен нож“. Ова е стереотип што го создава доминантната група: „Циганите ќе те украдат“ — му вели мајката на дететео, „Шиптарите ќе те убијат“. Исто како во црно-белите односи во САД и во машко-женските односи (т.е. феминизмот) поголемиот дел (можеби најголемиот дел) од одговорноста за надмиување на разликите меѓу групите паѓа на доминантната група (во нашиот случај на мнозинската група — Македонците). „Ако видиш жена во канцеларија — мора да е секретарка?“ — вака можеби полесно се илустрира ова. Значи, случајов на страна (затоа што како што реков во 1 може се` уште да дознаеме нови работи) тешката работа за надминување на недовербата и стереотипите е кај Македонците. А тие само што гласаа во мнозинство за опција што барем номинално не сака да преговара со другите. Би рекол на крај — во ваква ситуација, господ нека ни е на помош. Ама не сум религиозен. Со тоа толку.

Потенцијал за нова политичка култура

Tags: 

Дали изјавата на Зоран Заев ќе биде истрел во празно или навистина ќе се отвори поширок простор во политичките партии

Сакав да пишам нешто повеќе за наводната изјава на Заев дека СДСМ треба „да привлече(ме) повеќе луѓе надвор од нашата партија“, ама почнувам и застанувам неколку пати, па затоа еве ги кратките белешки овде:

1. Ако е вистинита изјавата (и намерата), тогаш тоа е голем исчекор на партијата кон разноликост и прифаќање на различни идеи. Како последица, тоа ќе ја направи партијата уште поранлива на напади од оние места со постегнати идеолошки основи. Исто така, од неа ќе се одлеат многу што не ги мирисаат „луѓето од надвор“.

1а. Ако е вистинита изјавата, тогаш тоа значи и дека ова е признавање на тоа дека СДСМ повеќе не е партијата на големиот капитал (ако воопшто некогаш бил? Фершпет итн.)

2. Потенцијалните луѓе од надвор ќе донесат различни општествени групи внатре и дебатата таму ќе се диверзифицира уште повеќе. Стигнувањето до единствен глас ќе станува покомплицирано.

2а. Што и да преостанува од „големите пари“ веројатно ќе замина кон ВМРО-ДПМНЕ кои секако (и по идеологија и по хиерархија) се попривлечни за таа група на луѓе.

3. За жал „експертите“ несомнено анонимни мислат дека „без единство нема успех за СДСМ“. Не знам како да замислам разноликост и единство, па ова ми личи дека некој сепак сака партија со полесно обединувачки идеи. Можеби пред да се случи расплетот, ќе има уште еден обид за посилен стисок во раководството.

A longer read од кој ќе сфатите сенешто: The Political Culture of the Democratic and Republican Parties by Jo Freeman

Што би направил Брајан Боитано на претседателските избори во Македонија? - Набрзинка за изборите 2014.

Tags: 

Па, го правевме муабетов денес на кафе со Игор во присуство на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ на соседната маса, така што ајде да го пишам и вака на интернет.

Најверојатниот начин Стево Пендаровски да биде следниот Претседател на Републиката е да победи во прв круг.

Втор круг ќе биде тежок затоа што ќе има и парламентарни гласања, повеќе притисоци, гужви итн. Ако воопшто има
втор круг за Стево.

Да сум јас ВМРО-ДПМНЕ ќе гледам да ги пресметам бројките во втор круг да оди Иванов и кандидатот на ГРОМ и потоа е лесна работа. Ако ДУИ навистина бојкотира, како што најавуваат, бројките веројатно може уште полесно да се пресметаат.

Според некои податоци што ги гуглам минатиот пат Иванов освоил 106.286 гласови, а Фрчкоски 63.645. Ако ВМРО-ДМПНЕ може да си гарантираат повеќе гласови од ова, тогаш може да ги поделат во прв круг (а неважечки ливчиња за Стево сигурно исто би помогнале) и битката е добиена. Некој што ги следи актуелните бројки може да допише колку е ова веројатно и возможно. (Можеби дури собирањето потписи за Иванов и за кандидатот на ГРОМ беше тест на овој модел.)

Од друга страна Стево нема шанса да победи во прв круг без поддршка од ДУИ. А СДСМ нема што баш да им понуди ним -- бидејќи горе-долу сѐ си имаат (Можеби шеф на кабинет да биде Албанец? Ама тоа и не е којзнае каква зделка). Но, иако зделки сигурно ќе се прават, тоа што ќе биде потребно е моментум дека првиот круг е клучен за многу повеќе работи од политичката кариера на Стево, па и на другите од СДСМ.

Најдобрата кладба на ВМРО-ДПМНЕ веројатно е дека СДСМ нема капацитет да направи таков моментум.

Кој е Брајан Боитано? (За оние што не знаат.)

Неубави белешки од патувањето по автопат

Tags: 

Вчера на последната патарината на автопатот Скопје-Гостивар пред наплатните рампи во инвалидска количка еден човек седеше и просеше. Беше таму во 10 претпладне. Беше таму во 3 попладне.

Без разлика дали глумеше или не, тоа беше најстрашната слика што можеше да се види вчера. И тоа не само поради тоа што вчера сонцето не беше пријатно и за најздравиот меѓу сите нас.

И без разлика дали глумеше или не, тоа беше слика на организирана операција на која замижаа сигурно вработените во патарската служба, а веројатно и тие од сообраќајната полиција кои таму барем еднаш поминале вчера.

Велам „организирана“ затоа што не е лесно да се дојде до автопат за да се проси. Некој мора да те донесе со кола. На крајот на денот, некој мора да те земе назад. Единствената разлика е во тоа ако човекот навистина беше хендикепиран, тогаш можеби бил донесен таму и против својата волја.

Сега, полицијата и другите служби би требале веднаш да го отстранат човекот од автопат. Да не го вртам Законот за безбедност во сообраќајот, ама за верување е дека таму има нешто во смисла „забрана за движење на пежаци по автопат заради безбедност на сите учесници во сообраќајот“. Бидејќи беше невозможно да не се види човекот, прашањето е зошто службите не реагирале?

А, ако човекот навистина и беше хендикепиран, дали имаме нешто во законите за нехуман третман на болни лица? Дали луѓето кои се во контрола на даден простор имаат некаква одговорност за тоа? А и да немаме во законите, имаме ли во општествените вредности? Зошто никој, ако ништо друго, не повикал амбулантна кола?

Вистина и јас можев да направам повеќе. Реков дека ќе застанам ако видам полиција на автопат за да им кажам, но немаше кола од Гостивар до Скопје.

Последен поздрав до моите цинични пријатели

Tags: 

Две прашања се важни за изборите што се случија во Македонија. Првото е дали се согласуваш со работите што се случуваат во земјата? Ако одговорот е да, тогаш текстов за тебе завршува тука. Ако одговорот е не, тогаш прашањето што следи е дали преку овие избори можеше ти да преземеш нешто за тоа што се случува?

Одговорот на второто прашање е да. Не „да“ затоа што имаш граѓанско право (или некој ќе рече обврска) да гласаш. Не „да“ затоа што некој друг ќе ти го земе гласот. Иако и овие понекогаш може да бидат доволни причини, сепак не „да“ поради нив. „Да“ затоа што нешто навистина можеше да се смени. Признавам не знам што, не знам колку, не знам ни дали со стопостотна сигурност (затоа што луѓе се премислуваат, менуваат припадност итн.), но сепак можноста беше таму.

Можноста беше таму на многу прагматично ниво. Кога се случуваат работи во државата со државни пари, одлуките за тоа можеби ги носат горе високо, но тие често се спроведуваат долу. А долу во Македонија, по законот за децентрализација, е во општините (затоа нели и општина Центар е одговорна за проектот „Скопје 2014“). Затоа ако не се согласуваш со тоа што се случува во земјата (на пример, ако мислиш дека барем половина од приказните за корупција и перење пари се вистинити, или дека барем третина од тендерите се наместени, ако мислиш дека буџетот не требаше да се донесе така како што беше донесен, или едоставно додај си го твојот гнев овде….), тогаш изборите беа токму за да смениш дел од администрацијата која спроведува дел од одлуките што овозможуваат такви активности. Која администрација? Под секој градоначалник имаш неколку директори на неколку јавни претпријатија кои што на еден или друг начин добиваат пари од државни каси. Под секој градоначалник имаш некоклу тендери кои што на еден или друг начин добиваат пари од државни каси. (Да речеме, јас сакам да извадам некои пари за партиските активности. Можам, со помош на градоначалникот, да исплатам на лица пари за чистење на банкините на некои регионален пат.) Додај обем на тоа и добиваш големо купче.

Се согласуваш со ова до овде. Велиш да, можноста беше таму. Но, велиш, како да знам дека новиот градоначалник нема да продолжи со истата работа. И се разбира, нема целосен одговор на ова прашање. Но, дури и процесот да не може да се сопре, можеби може да се попречи, да се направи побавен, да се предизвика прекин во мрежата, некои луѓе да мораат да покриваат траги, некои да бидат фатени… итн. Не е многу тоа. Не е многу бар сега. Но додај обем повторно. Додај време.

Но велиш, опозицијата ништо не понуди. Нивниот лидер - ѓубре, велиш. Секако. Во ред. Но, не го заборавај прашањето од почетокот. Се надевам се уште си со мислата дека не ти се допаѓа што сега се случува во Македонија. Замисли дека има неизлечива болест. Лекот не е пронајден. Но, можеби напредокот на болеста може да се забави. Глупа утеха за пациент кој умира, велиш. Секако. И сепак. Додај време. Можеби лекот ќе биде пронајден.

Но велиш, не ја разбирам оваа алегорија со болеста. Знам дека следиш фудбал. Еве, замисли дека си Арсен Венгер, твојот тим губи. Треба да направиш нешто. Го сакаш Лео Меси, ама не можеш да го добиеш. На пазарот е само Давид Виља. Стар е. Се повредува често. Сепак, може да биде корисен играч додека не дојде вистинската прилика за трансфер.

Но прозорецот се затвори. Играта продолжува, а тебе се уште не ти се допаѓа тоа што се случува. ОК. Позз.

Прв пат пишано на: http://therealpsmst.tumblr.com/post/46410253299
Текстот е пренесен и на Нова ТВ: http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=1993

Rant за пост-24.12-Македонија

Tags: 

<rant>

Опозицијата нема да оди на локални избори во март 2013 г. Па што? Нели опозицијата, посебно нејзниот предводник СДСМ и посебно главниот во СДСМ Бранко Црвенковски се најголемото зло што некогаш ја снашло Македонија? И сега тие се откажуваат. Па тоа ти е како Саурон да речеше: - „Еј ОК, другари хобити, елфови и други одам јас да мачам други луѓе“. Нели, опозицијата со тие позиции што ги имаше, и контакти и врски и влијанија беше најголемиот кочничар на напредните реформи на Владата и другите државни институции? Па решиле да се распуштат и тоа му доаѓа како колективната свест на Боргите да престанала да работи. Што може да биде лошо во тоа? Ако најниските од најниските, ѓубрето од целиот универзум решило повеќе да не се бави со активности во македонското општество, тогаш зарем не треба да прославуваме? Не е ваљда дека сакаме да кажеме дека грст луѓе се опасни и штетна и кога се во системот и кога е надвор од него? Не е ваљда дека сакате да кажеме дека грст луѓе се појаки од цела држава со сите граѓани, политички партии, полицајци и други органи?

Покрај тоа, опозицијата, осебно нејзниот предводник СДСМ и посебно главниот во СДСМ Бранко Црвенковски се најголемите лузери, нели? Мислам губеа таму 3-4 избори по ред. И сега уште муабет да се троши на нив. Па гледал ли некој филм во кој квотербекот и најјаките фудбалери, додека ги муваат чирлидерките, зборуваат за тоа како таму на часот по хемија двајца нрдови се скарале? Јас не сум гледал таков филм. Кој е тој филм?

Популарните метафори на страна, ако нешто е сигурно, повлекувањето на СДСМ (ако навистина остане така на среден рок) ќе значи уште потешка работа за сите полиберални луѓе, групи и организации во земјава (tough luck хех). Затоа што колку и да се овие зли и лузери, сепак нема никаква гаранција дека бришаниот простор сам од себе ќе роди помалку зла и помалку лузерска опција. Некој ќе мора да се избори за таа. А на празен простор, конкуренцијата е поголема. Но тоа е битка која треба да се очекува малку потаму во иднината. Така што кога ќе се заситиме од цинизмот, можеби ќе почнеме да се спремаме за тоа.

Но до тогаш, останува да го одговориме прашањето за тоа што ќе правиме со тие што одат на избори. Ако не сме со комплетно испран мозок и ако малку останало од когнитивните способности, тогаш треба да се помачиме и да најдеме одговор на тоа кој се потпиша и стави печат на сите кредити за задолжување (ваљда некој не му го „позајмуваше“ државниот печат на Бранко еј?) или на тоа кој ги купуваше телевизиите и весниците (ваљда не му ги шитнаа на Бранко за да го турне низ брдо тој рејтингот на новинарски слободи) или на нешто трето - кому како му се поважни прашањата.

ok pozz.

</rant>

Зошто ме мафтаат во НЛБ Тутунска банка и зошто Централниот регистар на Р. Македонија наплаќа провизија на пос-терминали?

Tags: 

Првото правило на пос-терминали е дека не може да се наплаќа различна цена т.е. дека било кои трошоци да постојат тие ги плаќа корисникот на терминалот, а не лицето што плаќа. Барем така велат во банка кога ги кажуваат предностите на поседување на картичка за безготовинско плаќање.

Тогаш на сцена стапува Централниот регистар на Р. Македонија кој за своите услуги одлучува да наплаќа провизија доколку плаќањето се прави на пос-терминал. Тоа всушност е провизијата што ЦРМ инаку би требало да ја плаќа кон банката за остварената трансакција. И бидејќи слипот од таква транскакција изгледа невообичаено, јас се упатив во НЛБ Тутунска банка која ми издала VISA картичка, за да прашам како смее тоа да се случува и каде да се пожалам.

Следната сцена е во централата на НЛБ каде службеникот на мојата поплака ми одговара со објаснување дека согласно новиот договор на Владата со банките на сите пос-терминали што се наоѓаат во државни институции ќе се наплаќа таа провизија. Тиња еј си велам кој договор, ама ако се договориле така што да се прави.

Но ете, следна сцена Агенција за катастар на недвижности на РМ и таму не неплаќаат провизија на пос-терминали?!
Останав збунет откако си ги зедов слиповите од катастар.

Што се случува значи овде? Прво, можно во НЛБ Тутунска банка не ми ја кажуваат целата вистина кога ми велат дека има „договор за провизии за сите државни институции“. Тешко е да се замисли таков договор што го исклучува катастарот. Таму само за провизии дневно може да се ќарат добри пари. Второ, можеби воопшто да нема договор, а службеникот на НЛБ Тутунска банка најде само лесен начин да ме отшета по моето комплицирано прашање. Можеби сето тоа беше наједноставниот пат до помалку работа дента. Трето, можно е ЦРМ на своја рака и од позиција на моќ да ја прави оваа наплата на провизии (и да ги крши правилата на VISA). А сите молчат за ова, бидејќ сепак да се закача ЦРМ не е мала работа.

Било какво објаснување е добредојдено.

Pages