македонија

Undefined

Магливата перспектива на либералните вредности

Tags: 

За спектарот на секуларни вредности и партискиот двобој

Кога за Дневник Влатко Ѓорчев изјавил:

Се надеваме на поддршка од што е можно повеќе партии затоа што бракот меѓу маж и жена е универзално прифатлива вредност во Македонија.

и

Последниот предлог не припаѓа во корпусот политички или етнички прашања, тоа е граѓанско прашање и е општоприфатена вредност.

Тој бил многу близу до македонската реалност. Во истражувањето спроведено од страна на МЦМС пред 3-4 години, јасно може да се видат овие прифатени вредности во однос на хомосексуалноста кај мнозинството граѓани. Без свежи податоци, би се обложил дека неодобрувањето е зголемено како резултат на постојаната непријателска кампања кон оваа група на граѓани.

90% од граѓаните на Македонија — што ќе рече од целиот политички спектар — мислат дека хомосексуалноста е неоправдана. Но, ова не е текст за застапување на страни, па нема да пишувам за тоа дали овие статистики се добри или лоши. Ќе се задржиме само на политичка стратегија и претставувањето на граѓаните.

Веќе знаеме кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ. Иницијативата е нивна. Има изјави од нивни високи претставници дека нивниот став за брак е единствено помеѓу маж и жена. Исто така го знаеме [стариот] став на СДСМ — дека се против истополови бракови. Од каде тогаш двоумење сега и зошто овој уставен амандман не би поминал?

ВМРО-ДПМНЕ нема што да изгуби од оваа иницијатива. Веќе предложија и јасно кажаа кои се нивните вредности. Ако добијат поддршка — победуваат. Ако не добијат — победуваат пак, бидејќи заслугите за иницијативата се нивни, а кон нив ќе ги додадат и обвинувањата за другите партии дека одат против традицијата на општеството и вредносниот систем за ситни политички поени. Или просто — ќе бидат жртви, а жртва секогаш носи поени.

ДУИ и ДПА исто така можат само да добијат. Ако измените одат во пакет со некои други измени — победа. Ако не, сигурни поплаки за мнозинската [македонска] хегемонија, што носи поени.

СДСМ од друга страна има што да изгуби. Ако ја поддржи иницијативата ќе оди во записник дека соработувала со ВМРО-ДПМНЕ што сигурно ќе предизвика незадоволство кај некои членови. Ако ја поддржи иницијативата исто така ќе го навлече на себе незадоволството на малата преостаната либерална јавност. Ако СДСМ не ја поддржи иницијатива, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе го истури својот PR против нив и што веројатно ќе влијае лошо на нивниот имиџ. Исто така, неподдржувањето може да предизвика незадоволство кај она членство што припаѓа во 90% што не одобруваат хомосексуалност во земјава. Затоа единствената безбедна статегија на СДСМ [што може да се види во истиот текст од Дневник] е одржување на статус-кво, т.е. избегнување на било какво [бар сега за сега] формално изјаснување во врска со прашањето.

Од СДСМ остануваат на ставот дека прашањето што го отвора власта за менување на Уставот, за дефинирање на бракот, бара поширока и подолга јавна и стручна дебата.

Тоа што СДСМ има проблем со утврдувањето на свои принципи и вредности не е ништо ново. Всушност, тоа е нивниот најголем проблем и веројатно ќе им треба уште долго време да го решат.

Кога гласањето за иницијативата би се одржало сега — без претходно договорен исход — веројатно сите четири водечки политички партии ќе постапат така што ќе максимизираат корист или минимизираат загуби: ВМРО-ДПМНЕ дека се последната одбрана на вистинските вредности и дека се саботирани, СДСМ едноставно нема да гласаат за да не влезат во преиспитување на своите ставови, ДУИ и ДПА дека не ги добиваат правата што ги бараат за Албанците.

Но, што станува со останатите 10% од граѓаните? Ваква поставеност на политичките партии го остава без преставници тој [мал] процент на граѓани кои ја одобруваат хомосексуалноста [и можеби другите секуларни вредности наведени во истражувањето на МЦМС].

Очигледниот одговор е политичко организирање околу [некои од] овие прашања. Но, и ова носи голем товар во претпоставката дека овие вредности кои можат да обединуваат ќе бидат посилни од оние кои веќе со години разединуваат.

Можеби партијата треба да се вика „Спроти ветрот“.

Медал во 2020?

Tags: 


Посветено на мојот твитер другар @jakovfendu и другарот кој нема твитер, но е подеднакво растревожен од неуспехот на кошаркарите на Македонија.

На 31.8 направив облог со еден мој пријател вљубеник во кошарката дека Македонија нема да го помине првиот круг на Европското првенство. Не следам што се случува во македонскиот спорт, па за облогот да не биде само пркос или сеир прво се информирав за ситуацијата.


Слика од @banekoma

Ми кажаа дека коефициентите во обложувалниците биле поволни, дека нашите биле борбени и решени да се борат за медал, дека биле многу уиграни и тимската игра им била водечка одлика. Моето единствено прашање беше дали е тоа истата екипа од пред 2 години. Ми рекоа — да. Тогаш одлучив дека мојот облог ќе има смисла. За самодоверба ми помогна и приказната која што ми беше раскажана како подвиг — дека 2 вечери претходно македонската репрезентација го испразнила барот во скопскиот клуб Сектор. Денес го добив облогот. Но, да не ликувам.

Дали и колку пиењето влијаело на играта, посебно што извештаите дека нешто такво се случувало и во Словенија, може да истражува КФМ — ако тоа воопшто има смисла за репрезентативци кои се пензионираат — и ако КФМ е кадарна за тоа.

Последново е клучно. Кога македонската кошаркарска репрезентација освои 4-то место пред 2 години, некои велеа дека е среќа, некои храброст, а трети заслужено. Јавноста можела да мудрува, но стручните тимови не можеле да останат мирни. А токму тоа се случило. Неуспехот на репрезентацијата денес е уште еден доказ за системскиот неуспех на државата Македонија и нејзините службени занатски организации.

Во врска со кошарката клучни се две работи: ротацијата од 7-8 луѓе и состав што старее и тоа токму помеѓу тие 7-8 луѓе. Тоа се две одлики кои траат 2 Европски првенства. КФМ во двете години не успеала да најде соодветни и квалитетни нови лица со што ротацијата би се зголемила на 8-10. Всушност не успеала да најде ни лица за одржување на ротацијата на 7-8. Ако добро се сеќавам од пишувањата во медиумите постарите центри беа вадени од од репрезентативна пензија за ова првенство.

Не сакам да речам дека кошаркари лесно се произведуваат [иако веројатно можел да се даде пасош на некој друг странец што би ја пополнил дупката] и токму тоа е поентата. Професионални спортисти тешко се произведуваат и Македонија не е (ниту била) посебно успешна во тоа. Оттука, кошаркарската репрезентација на Македонија повеќе припаѓа во втората десетка во Европа и тоа е реалноста — која што веројатно треба да ја знаат сите што професионално се бават со кошарка, и која што — од друга страна — навивачите се слободни да ја игнорираат или интерпретираат поинаку.

Недостатокот на визија па и на оперативен план кај КФМ ќе биде уште поочигледен ако по ова првенство трите центри на репрезентацијата навистина и неотповикливо се пензионираат и со тоа потенцијалните новајлии во државниот дрес останат без ментори за идните големи натпреварувања.

Ова можеби е плискање со ладна вода на мамурното и исфарбано навивачко лице, но секој, макар и повремен набљудувач на професионалниот спорт, мора да заклучи дека е така. Можеби најсликовит пример за поткрепа на оваа хипотеза е скорашното дебатирање во Англија за нивната (горда) фудбалска репрезентација и нејзиниот (срамен ) резултатски успех во последниве години. Нивниот план е да достигнат медал до 2020 г. А имаат 100 пати повеќе ресурси од Македонија.

2с.мк и Македонија и Републиката

Tags: 

Пред некое време некој на твитер прашуваше: што правиш ти за Македонија или некое такво мрчење и се присетив на времето кога една од задачите на Слободен софтвер Македонија беше локализација на слободен софтвер и нужно според тоа обзнанување на името на земјата во меѓунарднте проекти (каде што нормално најчесто веќе имаше луѓе од Грција).

Не го правиме ова повеќе, затоа што повеќе не локализираме толку многу, дека веќе има воспоставена пракса итн. Но во секој случај, збориме за времето значи и пред кампањата на ФИООМ — “Don’t you FYROM me“. Одамна значи.

Не го пишувам ова за да се искурчиме — но зошто и да не—тие напори да се вметне Македонија во меѓународен проект како Македонија или Р. Македонија или барем ебениот ISO стандард (како што е во случајот со Мозила) беа толку пред некоја друга граѓанска организација од Македонија да се бави со тоа (ОК можеби СМК се бавеле со тоа отсекогаш).

Како и да е, она што ме потсети на сите овие мрчења од минато е дебатата за внесување на Македонија во Дебиан (еден од најважните — ако не и најважниот проект за слободен софтвер). Во таа дебата извесен Сивард од Холандија објаснувајќи го својот став за случајот, вели нешто што ете 10 години ми стои во глава (10х @gdamjan за свежо url):

I live in a monarchy, and i would trade it in for a republic any day.

Не знам како сум го разбрал ова тогаш (веројатно позитивно штом сум го запамтил), но денес кога гледаме како Републиката ни се губи (ако не е и веќе изгубена), се чувстувам како сонот да се истрошил.

Веќе не сум ни сигурен дека вреди и треба да се инвестира во нешто што не е / престанува да биде Република.

Неубави белешки од патувањето по автопат

Tags: 

Вчера на последната патарината на автопатот Скопје-Гостивар пред наплатните рампи во инвалидска количка еден човек седеше и просеше. Беше таму во 10 претпладне. Беше таму во 3 попладне.

Без разлика дали глумеше или не, тоа беше најстрашната слика што можеше да се види вчера. И тоа не само поради тоа што вчера сонцето не беше пријатно и за најздравиот меѓу сите нас.

И без разлика дали глумеше или не, тоа беше слика на организирана операција на која замижаа сигурно вработените во патарската служба, а веројатно и тие од сообраќајната полиција кои таму барем еднаш поминале вчера.

Велам „организирана“ затоа што не е лесно да се дојде до автопат за да се проси. Некој мора да те донесе со кола. На крајот на денот, некој мора да те земе назад. Единствената разлика е во тоа ако човекот навистина беше хендикепиран, тогаш можеби бил донесен таму и против својата волја.

Сега, полицијата и другите служби би требале веднаш да го отстранат човекот од автопат. Да не го вртам Законот за безбедност во сообраќајот, ама за верување е дека таму има нешто во смисла „забрана за движење на пежаци по автопат заради безбедност на сите учесници во сообраќајот“. Бидејќи беше невозможно да не се види човекот, прашањето е зошто службите не реагирале?

А, ако човекот навистина и беше хендикепиран, дали имаме нешто во законите за нехуман третман на болни лица? Дали луѓето кои се во контрола на даден простор имаат некаква одговорност за тоа? А и да немаме во законите, имаме ли во општествените вредности? Зошто никој, ако ништо друго, не повикал амбулантна кола?

Вистина и јас можев да направам повеќе. Реков дека ќе застанам ако видам полиција на автопат за да им кажам, но немаше кола од Гостивар до Скопје.

Прашања за 1-ви Мај

Tags: 

Има еден текст од Славој Жижек кој што го допира прашањето за работниците и нивните права. Накратко Жижек вели дека вистинскта работничка класа [рудари, текстилни работници] во Словенија не ни се обидува да штрајкува. Штрајкува „платената буржоазија“, оние кои имаат гарантирана државна работа и кои штрајкуваат за да ја задржат својата позиција над работничката класа. Тоа се, вели Жижек, професорите, лекарите, државната администрација.

Ова е интересна и важна поента. Еве сум, пишувам текст за медиум што се објавува на интернет, го правам тоа на компјутер што чини колку неколку минимални плати во Македонија, а само месечната сметка за телефонски услуги и интернет ми изнесува колку што изнесува покачувањето што со последните измени го добија критичните индустриски гранки со што [конечно] се изедначија со пропишаниот минимален износ од 8.050,00 денари.

Ако бев меѓу оние кои го дочекаа ова минимално покачување на примањата, сега веројатно ќе размислував за најдобра распределба на тие пари за покривање на сите месечни потрепштини. Протести, штрајкови и работнички права немаше да ми бидат на памет - исто како и во Словенија. Немам високо образование, едвај ја најдов оваа работа, нема противење на газдата.
​​
Но, да речеме дека сум во друга социјална група. Имам добро платена работа во растечки сектор од македонското стопанство. Имам службен мобилен и лаптоп. Можам да си ги дозволам малите, слатки производи на денешницата. Треба ли да се бунам кога директорот не плаќа за прекувремена работа, бара задолжително доаѓање во сабота, не дозволува боледување или излегување од канцеларија за пауза, а годишниот одмор ми е само 10 дена, иако се потпишувам за повеќе? Треба ли да бидам на улиците на Први мај, и како што оди популарниот виц, зошто не сум?

Според Жижек [од истиот текст], позицијата на Антонио Негри е дека револуционерната сила е токму во новата дигитална класа на интелектуални работници. Но, засега се чини дека тукашната ваква класа го демантира Негри.

Оттука прашањето, барем од активистичко-мобилизирачка гледна точка, е следново:

Како загрижените за социјална правда и растечка нееднавкост да добијат поддршка, соработка и соучество од онаа група која е пообразована и поплатена, но сѐ уште не ужива во згрижувачкта мрежа на државните служби, кога веќе поддршка, соработка и соучество не можат да ги добијат од „старата“ работничка класа?

Немам одговори.

Текстот е објавен на Радио Слободна Европа: http://www.slobodnaevropa.mk/content/article/24971269.html

Dismantling of monuments will be tweeted? - A short note on the overdue Twitter revolution in Macedonia

Tags: 

The saying goes that everything is late in the Balkans [and even more so in Macedonia]. It seems that in the 2013 municipal elections the Twitter revolution finally happened in [to] Macedonia.

In the past few years there were couple of politically driven, socially charged issues [protest against police brutality, protest against rising electricity and heating prices] that used Internet, social networks and technology in general. However none of them were significantly successful.

Now finally praise is coming from mainstream pundits, and acknowledgment and gratification are coming from the mayor-elect of Centar municipality in Skopje. Twitter has won!

That is, of course, if we overlook the ongoing and extensive debate regarding the role of social networks in social movements - something that according to researches is hard to measure. For more, there is always Evgeny Morozov's writing criticizing the usual naivety of 'Tweets were sent. Dictators were toppled.'

Изгубената република

Tags: 

Одговорот што Бенџамин Фрекнлин го дал на некоја гопоѓа која го прашала што направиле на уставната конвенција со помош на интернет станува голем културен мим. „Република, госпоѓо, ако можете да ја зачувате“ - одговорил тој.

Професорката Zephyr Teachout [не знам како би се пишало нејзиното име на кирилица], цитирана во „Изгубената република“ на Лоренс Лесиг, повеќе ја осветлува уставната традиција на САД и светогледот на основачите на оваа држава: „Граѓанството е јавна функција. Граѓаните можат да бидат корумпирани и да ја користат својата функција за приватна корист, наместо за јавна корист. Тие се фундаментално одговорни за интегритетот на нивната влада“.

Навистина ова е светоглед на државници кои што работеле во времето на просветителството, и рефлексот вели дека ништо од ова не може да биде корисно за нас сега. Но, ете, повнимателно читање на Уставот на Република Македонија открива слични вредности, кои поверојатно е да се таму по традиција, а не по дизајн.

Член 2

Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Лоша среќа за граѓаните, но никаде во Уставот не се вели дека тие може да се откажат од ова што им е доделено со членот 2. И иако не сум правник сепак ми се чини дека граѓанството како јавна фунција може да се препознае во овој член. Ако власта граѓаните не ја остваруваат како што е погоре напишано, тогаш тоа значи приватна, а не јавна корист.

Тешко е ова вака сега да се соџвака. Никогаш, барем додека учев јас, немавме час, предавање или слободна активност на која некој ќе ни рече: „Еј деца, Републиката произлегува од вас [поточно од вас штом станете полнолетни] и вие сте одговорни за остварувањето на власта во неа.“

***

Овој невообичаено долг вовед тука е за следново. По изборите, но веќе и неколку години наназад, главното прашање што ја преокупира јавноста, е дали Бранко ќе си од од СДСМ. Вистина, по изборите дебатата се вжешти и сега прашањето е кога Бранко ќе си оди. И можеби некои луѓе [многу луѓе?] ја депонираат својата доверба за подобро утре на бројчето на СДСМ. Но бавењето со ова прашање воопшто е погрешно читање на членот 2 од Уставот и тесно поимање на духот на вредностите што тој ги носи. Судбината на Република Македонија не треба никако да се поврзува со судбината на некој политичар или политичка партија, затоа што ултимативно Републиката се граѓаните. [Од друга страна ако има некаков макар и премочлан заговор за ова да не стане јасно и јавно знаење за сите, тогаш тоа е потешкиот проблем со кој треба да се соочиме. Но, да ја оставиме таа дебата малку на страна.]

Со други зборови, што Бранко и СДСМ ќе одлучат да прават, треба да биде од мала грижа за нас од аспект на власта што [ете за жал] мораме да ја остваруваме во Републиката. Ако утре нив ги снема, нашата одговорност нема да се зголеми, ако утре тие станат најдобрата партија на светот, нашата одговорност нема да се намали. Подобра партија можеби ќе ја намали нашата работа, но нашата одговорност е фиксна.

Но, никој никогаш не рекол дека имањето и чувањето на Република е лесно. Всушност, многу републики од минатото не опстанале и многу и денес се мачат - вклучувајќи ја и нашата. Овде кај нас ете можеби работата ќе излезе потешка одошто се надевавме. Порано пишав дека нашето колективно бавење со судбината на некоја политичка партија доаѓа од тоа што ние би сакале одговорноста за Републиката да е едноставно помала, полесна и мераклиска. Мислевме дека таа одговорност се растоваривме уште пред неколку години кога со двете раце гласавме за ценрално-десна, реформирана, исчистена од стари лица, технократска партија. Но, токму ВМРО-ДПМНЕ е нашето најголемо разочарување. И агонизирањето околу Бранко е вртење во тој круг - ајде средете се, да гласаме и да завршиме со тоа. На крајот токму тоа го зборува и Груевски - СДСМ да се среди, да заличи, за товарот за Републиката [вклучително и неговиот] едноставно да биде полесен.

Но, во основа, ова е погрешното прашање. Не можеме да посветуваме време на ова. Членот 2 од Уставот не вели дека власта ќе ја остваруваме преку симпатични и реформирани партии. За овие избори, картите беа поделени и ние моравме да ја одиграме раката со нашата јавна функција на ум. А таа не завршува тука. Речиси како да изборите се денот кога граѓанинот се одмара и во десетте минути во своето локално училиште се обидува да делегира дел од своите обврски. Ова е тоа што треба да го научиме и потоа да го пренесеме тоа знаење на другите. Да, знам дека ова треба да го правиме после работа, кога сме изморени или кога порадо би пошле во кафана.

***

Во култниот филм на Ричард Линклејтер „Waking Life“ Луис Меки, професор по филозофија на Универзитетот на Тексас во Остин, го поставува следното прашање:

„Кои се бариерите кои ги спречуваат луѓето да го достигнат својот вистински потенцијал? Одговорот на ова може да се најде во следното прашање: Која е најуниверзалната човечка карактеристика: страв или мрза?“

Ова е прашањето што останува и за нас.

Текстот е пренесен и на ОКНО: http://www.okno.mk/node/27069

Последен поздрав до моите цинични пријатели

Tags: 

Две прашања се важни за изборите што се случија во Македонија. Првото е дали се согласуваш со работите што се случуваат во земјата? Ако одговорот е да, тогаш текстов за тебе завршува тука. Ако одговорот е не, тогаш прашањето што следи е дали преку овие избори можеше ти да преземеш нешто за тоа што се случува?

Одговорот на второто прашање е да. Не „да“ затоа што имаш граѓанско право (или некој ќе рече обврска) да гласаш. Не „да“ затоа што некој друг ќе ти го земе гласот. Иако и овие понекогаш може да бидат доволни причини, сепак не „да“ поради нив. „Да“ затоа што нешто навистина можеше да се смени. Признавам не знам што, не знам колку, не знам ни дали со стопостотна сигурност (затоа што луѓе се премислуваат, менуваат припадност итн.), но сепак можноста беше таму.

Можноста беше таму на многу прагматично ниво. Кога се случуваат работи во државата со државни пари, одлуките за тоа можеби ги носат горе високо, но тие често се спроведуваат долу. А долу во Македонија, по законот за децентрализација, е во општините (затоа нели и општина Центар е одговорна за проектот „Скопје 2014“). Затоа ако не се согласуваш со тоа што се случува во земјата (на пример, ако мислиш дека барем половина од приказните за корупција и перење пари се вистинити, или дека барем третина од тендерите се наместени, ако мислиш дека буџетот не требаше да се донесе така како што беше донесен, или едоставно додај си го твојот гнев овде….), тогаш изборите беа токму за да смениш дел од администрацијата која спроведува дел од одлуките што овозможуваат такви активности. Која администрација? Под секој градоначалник имаш неколку директори на неколку јавни претпријатија кои што на еден или друг начин добиваат пари од државни каси. Под секој градоначалник имаш некоклу тендери кои што на еден или друг начин добиваат пари од државни каси. (Да речеме, јас сакам да извадам некои пари за партиските активности. Можам, со помош на градоначалникот, да исплатам на лица пари за чистење на банкините на некои регионален пат.) Додај обем на тоа и добиваш големо купче.

Се согласуваш со ова до овде. Велиш да, можноста беше таму. Но, велиш, како да знам дека новиот градоначалник нема да продолжи со истата работа. И се разбира, нема целосен одговор на ова прашање. Но, дури и процесот да не може да се сопре, можеби може да се попречи, да се направи побавен, да се предизвика прекин во мрежата, некои луѓе да мораат да покриваат траги, некои да бидат фатени… итн. Не е многу тоа. Не е многу бар сега. Но додај обем повторно. Додај време.

Но велиш, опозицијата ништо не понуди. Нивниот лидер - ѓубре, велиш. Секако. Во ред. Но, не го заборавај прашањето од почетокот. Се надевам се уште си со мислата дека не ти се допаѓа што сега се случува во Македонија. Замисли дека има неизлечива болест. Лекот не е пронајден. Но, можеби напредокот на болеста може да се забави. Глупа утеха за пациент кој умира, велиш. Секако. И сепак. Додај време. Можеби лекот ќе биде пронајден.

Но велиш, не ја разбирам оваа алегорија со болеста. Знам дека следиш фудбал. Еве, замисли дека си Арсен Венгер, твојот тим губи. Треба да направиш нешто. Го сакаш Лео Меси, ама не можеш да го добиеш. На пазарот е само Давид Виља. Стар е. Се повредува често. Сепак, може да биде корисен играч додека не дојде вистинската прилика за трансфер.

Но прозорецот се затвори. Играта продолжува, а тебе се уште не ти се допаѓа тоа што се случува. ОК. Позз.

Прв пат пишано на: http://therealpsmst.tumblr.com/post/46410253299
Текстот е пренесен и на Нова ТВ: http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=1993

Пародија на демократијата

Tags: 

@Parmakovski на твитер сподели досетка за политичката ситуација во Македонија.

Но, поентата на Пармаковски [за жал] не е само хумористична.

Пол Колиер во „Милијардата од дното“ ја опишува „пародијата на демократија“ во која може да заглават државите. „Изборната конкуренција може брзо да се воведе и во условите кои ветуваат најмалку“ - вели тој. Но, истовремено предупредува дека изборната конкуренција не е доволна бидејќи може да ги направи работите полоши со тоа што клиентелизмот ќе ја победи чесната политика во борбата за гласови. „Изборите одредуваат кој ја има моќта, но не и како таа моќ се користи“, - нѐ потсетува Колиер. Оттука, прашањето што треба да се одговори, е дали епизодата на избори без проверки и контроли ќе биде само минлива фаза или ќе се претвори во главна одлика на општеството.

И токму тоа е прашањето на кое треба да го бараме одговорот за Република Македонија по тромесечната политичка криза [по 24 декември 2012 г.].

Колиер предлага дека бранот на избори треба да биде следен од ентзузијазам за политички ограничувања. Инстументите што можат да помогнат за ова се два. Првиот е минимум стандард за слобода на медиумите кои сѐ уште фигурираат како ефикасна алатка за детаљна инспекција на политичарите и политиката. Вториот е начинот на прибирање и трошење пари во изборната конкуренција со цел да се обезбедат избори во кои гласачите нема да бидат потплатувани.

Мислам дека овие две се соодветни за да се одреди позицијата на Македонија во пародијата на демократијта. На рангирањето на Репортери без граници, државата паѓа во континуитет веќе четири години. Исто така, финансиите на партиите остануваат темна тема во Македонија.

Ова се „помалку видливите аспекти на демократијата“ кои недостасуваат во Македонија. Во држава [речиси] без проверки и контроли, изборната конкуренција без ограничувања, за разлика од економската конкуренција која обезбедува преживување на способните, создава нови услови на политичка конкуренција каде клиентелизмот обезбедува преживување на корумпираните.

Со Тери Гилијам барем можеме да се насмееме.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/content/article/24918746.html

Pages