Незначителен ефект од автомобилските субвенции против аерозагадувањето

За предлог-законот за субвенционирање на електрични возила во борба против аерозагадувањето.
политка
македонија
екологија
субвенции
автомобили
Author

Новица

Published

November 16, 2018

За поздравување се напорите на Владата на Република Македонија да се преземат мерки за борба против аерозагадувањето. Меѓутоа, мислам дека е корисно мерките да бидат разгледани во јавноста, барем она што е воглавно познато за нив.

Овде ќе се позанимаваме со Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за возила, доставен за понатамошна работа во Собранието. Во него во член 5-в се вели:

Со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата, намалување на трошоците за одржување на возилата, намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух, како и зголемување на увозот на нови во однос на половни возила, Министерството за економија за тековната фискална година согласно планираните средства со Буџетот на Република Македонија, изготвува: * Програма за субвенционирање на дел од трошоците за купување на возила на електричен погон и хибридни возила; * Програма за субвенционирање на дел од трошоците за вградување на уреди за погон на ТНГ или друг вид на алтернативно гориво; * Програма за субвенционирање на дел од трошоците за купување на ново возило со одјавување на старото возило согласно член 41 став (1) од овој закон.

Медиумите (на пример Слободен печат) известија дека овие три програми во следните три години ќе чинат 12 милиони евра. Од тие извештаи, по години субвениите ќе изгледаат вака:

Година Х/Е ТНГ Останато
2019 100 360 1440
2020 1450 522 2088
2021 1850 666 2664

Табела 1: Пресметка на вредност на субвенциите во илјади евра

Пренесено во возила овие суми ќе изгледаат вака:

Година Х/Е ТНГ Останато
2019 200 1200 700
2020 290 1740 1015
2021 370 2220 1295

Табела 2: Пресеметка на број на возила

Текстот подолу ќе се обиде да покаже дека предложените програми како што се наведени во Предлог-законот, а сега се дел и од владината Програма за намалување на аерозагадувањето, базирано на податоците за нив извадени од известувањата од медиумите не можат целосно да исполнат ниту една цел од погоре наведените цели заради кои тие се носат, а само една можеби може делумно да исполнат.

Можните ефекти врз вкупниот број на патни моторни возила

Според податоци од Државниот завод за статистика во Mакедонија, во 2017 година, имало регистрирано вкупно 403 илјади патни моторни возила. Од нив 339 илјади се постари од 10 години. Помеѓу 5 и 10 години пак се 46 илјади возила. Или со други зборови огромно мнозинство од возилата на македонските патишата се прилично стари. Просечната старот е повеќе од 18 години. Под претпоставка дека овие стари возила се главен извор на загадување на амбиенталниот воздух и дополнително се небезбедни за сообраќај на патишата, за да се постигне промена која што ќе има видлив ефект од патиштата треба да се тргне значителен процент од овие возила.

Програмата за субвенции на Владата, онака како што за неа известуваат медиумите, во првата година би требало да вклучи околу 2.100 возила. Ова е грубо заокружување бидејќи вестите велат дека ќе има субвенции за повеќе од 200 возила со електричен/хибриден погон, и повеќе од 1.200 возила со ТНГ (плин) гориво. До бројката од 2.100 стигнувам преку некаква проценка дека субвенциите за ново бензинско возило би биле помали од тие за хибридно – да речеме 2000 евра. Ова во рамките од буџетот од 2.8 милиони евра за првата година (2019) при планирани околу 360.000 евра за возила со ТНГ и околу 1 милион евра за електрични/хибридни возила (ова исто така е проценка: 1 милион евра се 200 електрични возила по 5000 евра), би значело дека остатокот за нови бензински возила е околу 1.4 милиони евра или околу 700 возила. (Видете Табела 1 и Табела 2 погоре.)

Буџетот за програмите потоа ќе порасне за 45% во 2020 и за 85% во 2021. Тоа би резултирало со вкупно околу 9.000 возила вклучени во сите програми за субвенции во трите години (сметајќи со истите процентуални зголемувања). Се разбира точна бројка за ова не би можел да пресметам.

Оваа бројка од 9.000 возила е само 2,2% од сите патни возила кои се регистрирани во земјава според податоците на Државниот завод за статистика. Под претпоставка дека овие програми исклучиво ќе зафатат возила постари од 10 години (најмногу загадуваат, најмалку се безбедни итн.) - и да се надевеме дека тоа навистина така ќе се случи – тогаш тоа значи дека на крајот на програмата за субвенции ќе имаме 330 илјади возила постари од 10 години на патишата во Македонија.

субвенции за возила

Горново ми се чини дека сумира дека ефектите од предложеното законско решение ефектите би биле незначителни во однос на целите зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата, намалување на трошоците за одржување на возилата и намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

Можните ефекти врз увозот на нови возила

Според податоци од Царината на Република Македонија, во првото шестмесејче во 2018 увезени се околу 3.000 нови возила и 10.000 половни возила. Под претпоставка дека увозот е ист во текот на двете полугодија, ако проектираме од овие бројки тогаш годишно имаме увоз на 6.000 нови возила и 20.000 половни возила.

Целта зголемување на увозот на нови во однос на половни возила би била делумно остварена под претпоставка дека новиот увоз ќе претставува промена кај некој што би купил старо сега да купи ново возило. Така за три години би имале дополнителни 3.870 нови возила. Или при фиксен увоз од 20.000 стари возила би имале годишно намалување од околу 6% на увозот на стари возила. Но, ова е најоптимистичкото сценарио бидејќи не може да има никакви гаранции дека ќе се случи ваква замена во увозот.

Понатаму, во однос на вкупниот број на стари возила што веќе се на улиците на Македонија, за потенцијалниот ефект од замена на увозот да има смисла треба некој што веќе има автомобил постар од 10 години, да го одјави, па наместо да купи автомобил постар од 5 години (на старо), да купи нов автомобил. Или, со други зборови, оваа цел може да биде исто така целосно неостварена ако замена на стари возила не се случи, па така единствениот ефект да се почустува само кај увозниците на возила (што само по себе не е лошо, но не е во пропишаните цели зошто овој Закон се менува).

На оваа анализа добредојдени се коментари и исправки, ако луѓето од владата понудат посвежи податоци.

Програмите за субвенции ги фаворизираат богатите

Сега, има и друг аспект на програмите за субвенции, а тоа е дека субвенциите ги користат луѓе. Луѓето, воглавно, се делат на богати и сиромашни. И се чини дека програмите за субвенции ги фаворизираат богатите. Еве зошто.

Програмата за субвенции за ТНГ уреди во првата година ќе чини околу 360.000 евра. Под претпоставка дека сте посиромашен граѓанин кој што има постаро, но фукнционално возило, за да останете со зелена налепница за еко-возење (патем налепниците за еколошка категоризација на возилата се дел од истава промена на законот) треба да ставите ТНГ уред. За ова, во првата година пари има само за 1.200 граѓани. Со 450.000 граѓани кои се сиромашни, или, поделено со четири, тоа нека се 112.000 семејства, тоа се субвенции само за 1% од семејствата. Под претпоставка дека голем дел од сиромашните семејства возат постари возила, ова значи дека со стапувањето на сила на новиот закон најголем дел од нив нема да можат да ги возат нивните автомобили (или ќе можат да ги возат под ризик од казна чиј што најнизок износ (ако медиумите точно пренесуваат) е 300 евра – колку и субвенцијата за ТНГ).

Од друга страна, за хибриди и електрични возила во првата година би се одделиле околу 1 милион евра (2.5 пати повеќе во однос на ТНГ). Овие средства ќе завршат во куповината на побогатите граѓани бидејќи хибридните и електричните возила се надвор од куповната моќ на посиромашните дури и откако ќе се примени субвенцијата. Така, на пример, нов Тојота Јарис Хибрид чини 17.290 евра, после субвенција 14.290 евра. Оваа цена и после субвенција е повисока за 4.000 евра од најефтиниот Јарис, а доколку сепак имате околу 14.000 евра за ново возило можете да купите и нова Киа Сид (поголема, повеќе функционална за семејство итн.) за 14.000 и да додадете уште малку (можеби преку субвенција) за ТНГ уред во неа. (Напомена: производителите се одбрани случајно со гуглање, немам намера да промовирам брендови или модели).

Така, освен ако има некој есап што не го гледам, субвенции за хибриди и електрични возила е субвенионирање на ексклузивна потрошувачка. Само по себе, не помага во борбата во загадувањето, безбедноста на патиштата или трошоците за одржување бидејќи бројот на возила што би се купил е мал. Но, истовремено е надвор од куповната моќ на оние кои што се најпотенцијалните добитници на црвената налепница – т.е. на возилата што би биле приоритет да се заменат заради загадување, но и одржување и безбедност поради нивната старост. Повторно, единствениот ефект веројатно е да се почуствува кај увозниците на возила (што само по себе не е лошо, но не е во пропишаните цели зошто овој Закон се менува).

Заклучок

Ова е кратката проценка на влијанието на регулативата за програми за субвенции на возила, во рамките на моето слободно време и податоците што се достапни на интернет. Мојот заклучок е оној од воведот: Предложените програми за субвенионирање, онака како што се наведени во Предлог-законот и како што за нив известуваа медимите не можат целосно да исполнат ниту една цел од целите заради кои се носат, а само една можеби можат делумно да исполнат. Со прости зборови предложеното решение за субвенионирање е воглавно лошо, и единствениот видлив ефект може да го предизвика кај увозот на електрични возила кои во 2017 во Македонија биле 37 на број, па и 100 нови би бил раст од 270% што изгледа супер во извештаи, но ништо повеќе од тоа.

Но, со цел да завршиме на оптимистичка нота и надеж дека во Собранието на Република Македонија вакво решение со минимални ефекти нема да помине, предлагам, ако веќе против аерозагадувањето мораме да се бориме преку возилата, членот 5-в за Програми за субвенции за возила да се сведе на само една програма: субвенции за ТНГ. Вака, со 12 милиони евра низ три години, вкупниот ефект на возниот парк, со субвении од 300 евра за ТНГ, ќе биде 40.000 постари возила кои се посериозни загадувачи префлени на зелена налепница. Тоа се значителни 10% од вкупниот број на регистрирани патни моторни возила и сега веќе би можеле да зборуваме за исполнување на барем едната од четирите цели - таа за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

Првично објавено на Радио Слободна Европа.