
Летово го чистев подрумот и ги најдов старите броеви на средношколското списание „Визија“ што сум ги чувал од 1990-тите и раните 2000-ти. Не сум сигурен дека тоа се сите броеви, но тоа што го најдов го скенирав и го ставив на интернет.
Веројатно најтешкиот дел беше скенирањето бидејќи со помош на LLM алатки сега многу лесно и брзо се прават статички web страници. Не ми требаше многу за да ја креирам архивата на „Визија“.
Работата некако се погоди во исто време кога од Владата на Република Северна Македонија почнаа повторно да зборуваат за многудетство, па ми текна дека Многудетна одамна ја нема во печат. Но после 12 години темата на македонските влади е слична. Па така бидна набрзина и една мала web станица за Многудетна.
Подрумската експедиција ми откри уште една книга која што сум ја зачувал, и иако немав никакви планови за неа ја ставив во истата рамка на објавување. Па сега може на интернет да читате и за авантурите на Зоки Поки кога тој е пораснат.
Конечно, вреди да споменам, кога почнав да чепкам по GitHub го најдов преводот на „За серењето“ од Хери Г. Франкфурт, што го направив одамна. Одлична книгичка. Се надевам некој ќе се нафати да ја отпечати во Македонија. Ако не, останува да може да се чита на интернет.